5 најефикасни антицелулитни чаеви


Пролетта пристигна и природата се буди, а со тоа и нашиот организам и желба за големо пролетно чистење на организмот. Во една од претходните статии кажав дека некако природно ни доаѓа да започнеме со антицелулитните третмани и ви предложив едно фантастично домашно антицелулитно масло http://biodevojka.blogspot.mk/2016/03/blog-post_11.html, меѓутоа таквите третмани секогаш треба да бидат поддржани со правилен начин на исхрана, и зошто да не, со конзумирање на антицелулитни чаеви.

Во денешнава статија ќе говориме токму за дејството на овој вид на чаеви, како да ги подготвиме во домашни услови и секако како правилно да ги конзумираме. Ајде за почеток да го објаснам механизмот на овој вид на чаеви, односно како делуваат и зошто се сметаат за неопходен нел од секој антицелулитен третман.


Овој вид на чаеви пред сѐ делуваат на една многу важна работа која всушност е главна причина за појавата на целулитот, а тоа е задржувањето на течности во организмот. Имаат големо диуретско дејство и го стимулираат исфрлувањето на вишокот на течности од организмот, а со самото тоа и поголем дел од токсините присутни во самиот организам. Некои од овие чаеви, благодарение на дејството на одредени билки присутни во нив, освен диуретско дејство ја стимулираат и периферната циркулација. Значи имаат прочистувачко, диуретско и стимулирачко дејство врз нашиот организам.

Во продажба секако ќе најдете голем број на чаеви за оваа намена, меѓутоа со оглед на тоа што е навистина многу лесно истите да се направат во домашни услови, во продолжение ќе ви предложам 5 најефикасни антицелулитни чаеви, кои лично ги имам испробано.

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ЧАЈ ОД ЛИМОН


Кората од еден лимон (најдобро од органско потекло) се потопува во 500 мл. врела вода околу 15 мин. Откако ќе се процеди и смлачи, на чајот може да му додадете малку цеден сок од лимон за подобар вкус и половина кафена лажичка мед. Овој чај има големо диуретско дејство и прочистува од токсини.


АНТИЦЕЛУЛИТЕН ЧАЈ ОД ЃУМБИР

Овој чај освен диуретско дејство ја стимулира и циркулацијата и го забрзува метаболизмот, а со самото тоа може да се каже дека помага и во топењето на мастите . Сѐ што ви е потрбно за да го подготвите овој чај е: една супена лажица зелен чај, 3-4 тенки парченца свеж ѓумбир и цеден сок од еден грејфрут.


Во 500 мл. врела вода најнапред ставете го ѓумбирот и оставете го да отстои околу 15 мин. Потоа додадете го зелениот чај и оставете го така уште 3 мин. Процедете ја течноста, оставете малку да се смлачи па додадете го сокот од грејфрут и по вкус малку мед (доколку сакате послатко или пијте го така без мед). Овој чај има навистина прекрасен вкус, а пред сѐ е многу ефикасен како антицелулитен третман.

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ЧАЈ ОД МАГДОНОС

За овој чај потребно е да направите микс од неколку состојки и тоа:

2 супени лажици зелен чај,
2 супени лажици сушен магдонос,
2 супени лажици сушено нане
2 супени лажици лимонова трева

Убаво промешајте ја смесата. Земете една лажичка од оваа мешавина и потопете ја со врела вода (не премногу за да не го изгорете зелениот чај). Откако ќе се смлачи додадете малку лимонов сок и вашиот чај е готов.

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ЧАЈ ОД КОПРИВА


Во овој рецепт главна ѕвезда е копривата која ја прочистува крвта и го поттикнува излачувањето на токсините од организмот. Содржи навистина голем број на корисни состојки меѓу кои и една состојка која е дериват на кофеинската киселина која помага токму во чистењето на токсините од организмот.

Во 500 мл.врела вода најнапред ставете една кафена лажичка коприва и исто толку лимонова тревка. Оставете да отстои околу 15 мин, па додадете малку зелен чај и оставете уште 3 мин. Процедете, додадете лимонов сок и уживајте во вашиот свежо приготвен чај.

АНТИЦЕЛУЛИТЕН ЧАЈ ОД АНАНАС


Ананасот е едно од најпознатите антицелулитни овошја, благодарение на еден ензим кој се нарекува бромелин, кој го забрзува метаболизмот и има диуретско дејство. Чајот кој ќе ви го предложам е еден од моите омилени.

Една кафена лажичка зелен чај потопете го со 250 мл. вода (не премногу врела), после 3 мин. процедете и откако ќе се смлачи додадете малку сок од свеж ананас кој претходно сте го истиснале на соковник или со помош на еден толчник (секако прецеден).

Комбинацијата од зелен чај со сок од ананас е фантастична и има одлично влијание врз организмот, и особено од корист при антицелулитните третмани. Јас го пијам незасладен со една кафена лажичка кокосово масло, меѓутоа вие доколку сте научени на послатко може слободно да додадете половина кафена лажичка мед.

МНОГУ ВАЖНИ СОВЕТИ

1. Најдобар период за конзумирање на овој вид на чаеви е токму пролетта, кога нашиот организам се буди и подготвени сме да направиме детоксификација на организмот. Меѓутоа секако може да ги конзумирате и во текот на целата година.

2. Овој вид на чаеви најдобро е да се конзумираат на гладно срце наутро, 30 мин. пред доручекот, или 30 мин. пред ручекот.


3. Антицелулитните чаеви во никој случај не треба да се засладуваат со обичен шеќер. Доколку сакате послатко, во тој случај ви препорачувам малку мед, или пак една кафена лажичка кокосово масло кое ќе го зголеми антицелулитниот ефект на самиот чај, со оглед на тоа што кокосовото масло го забрзува метаболизмот.

4. Не треба да претерувате со конзумирањето на ваков вид на чаеви, доволно е една до две шољи дневно 30 мин. пред оброкот.

5. Откако ќе ги направите, чаевите треба да се конзумираат во рок од 24 часа. Може да ги конзумирате млаки или ладни.

Се надевам дека ви се допаднаа овие навистина лесни а сепак многу функционални рецепти за домашни антицелулитни чаеви. Сетете се дека чаевите и антицелулитните производи мора апсолутно да бидат потпомогнати од здрава исхрана, по можност со помалку сол (со оглед на тоа што е еден од главните причини за задржувањето на течноста во организмот), и секако од умерена физичка активност. Во една од наредните статии ќе говорам кои намирници треба да ги конзумираме во една балансирана и здрава антицелулитна исхрана (ако може така да ја наречам).

Дали и вие некогаш имате пробано ваков вид на чаеви и што е она што најчесто го правите како дел од антицелулитните третмани?

Вики

Comments