Безгрижно детско лето со кремот за заштита од сонцето СПФ 45 на Eco Cosmetics


Здраво драги мои,

летото е веќе тука и многумина од нас се подготвуваат и за летните одмори. Сонцето е прекрасно, претставува извор на енергија и е многу важно не само за нашето расположение туку и за целокупната добросостојба на нашиот организам. Меѓутоа, сонцето може да биде и нашиот најголем непријател доколку на правилен начин не ја заштитиме кожата со добар и пред сѐ сигурен производ за таа намена. Велам сигурен, затоа што како поборник за органската козметика, за сигурни ги сметам исклучиво физичките (или минералните) филтри, кои се користат како единствени токму во органската козметика.

Ова е и период во кој многу мајки ме контактираат за препорака на производ за заштита од сонцето за нашите најмали. Пред околу две недели на форумот фемина најавив дека го тестирам кремот за заштита од сонце за деца и бебиња со спф 45 на Eco Cosmetics и мислам дека оттогаш па наваму, секојдневно добивам по 50 прашања дневно кога ќе биде објавена статијата. Еве, конечно за сите вас, специјална статија посветена токму на кремот за заштита од сонцето на Eco Cosmetics тестиран врз дечиња од 2 и 6 години (моите внуки) на плажа и мое лично мислење за истиот.


Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој прекрасен производ.

Aqua, Glycine Soja Oil*, Titanium Dioxide, Caprylic/Capric Triglyceride, Polyglyceryl-3 Ricionoleate, Glyceryl Oleate, Butyrospermum Parkii Butter*, Glycerin, Punica Grantaum Extract*, Hippohae Rhamnoides Extract*, Olae Europaera Leaf Extrat*, Olea Europaea Oil*, Simmondsia Chinensis Oil*, Oenothera Biennis Extract*, Hippophae Rhamnoides Oil*, Oriza Sativa Bran Oil, Glycyrrhiza Glabra Extract, Mica, Tocopherol, Macadamia Ternifolia Oil, Parfum

Најнапред мора да кажам дека декларацијава е фантастична. Ретко кој производ може да се пофали со една волку добра декларација и комбинација на состојки. Најнапред може да забележиме дека овој крем е направен со емулзија масло во овда (која е типична за скоро сите органски креми за заштита од сонцето). Како единствен филтер користен е титаниум диоксидот. Пред околу 10 години се разви една полемика за употребата на цинк оксидот во козметиката, и одреден период го суспендираа, односно не дозволуваа негова употреба во козметиката додека не се направат испитувања до кој процент може да се користи. Тогаш голем број на органски фирми кои произведуваа креми за заштита од сонцето го исфрлија од своите производи. Меѓутоа во 2009 година европската комисија за козметика донесе еден правилник во кој ја потврди сигурноста и процентот на употреба на цинк оксидот во козметички производи и го дозволи за понатамошна употреба. Во европа кремите за сончање спаѓаат во групата на козметички производи за разлика од други континенти каде не се сметаат за козметички производи. Eco Cosmetics останаа доследни на новите формули без цинк оксид, така да во сите нивни производи може да забележите како единствен филтер само титаниум диоксид кој е одлично искомбиниран со останатите состојки.



По водата која е на прва позиција може да забележите масло од соја кое природно има спф 10. По него следи титаниум диоксид кој е ставен во одреден процент да заедно со маслото од соја, каприлисот (кое е еден вид на многу лесно масло добиено од кокосовото масло и дава сув ефект на производот), маслото од јојоба (природен спф 4), шеа путер (природен спф 6), маслиново масло (природен спф 4), масло од макадамија (природен спф 4) и маслото од волчји трн, се дојде до еден спф 45 кој нуди одлична заштита на чувствителната детска и бебешка кожа. Како антиоксиданс е користен витаминот Е во својата најчиста форма- токоферол.

Има навистина прекрасни екстракти кои имаат ленитивно дејство врз кожата и ги спречуваат иритациите од сонцето, така да овој производ топло го препорачувам и за возрасни кои имаат многу чувствителна кожа. Доколку го земете не само вашите деца, меѓутоа и вие самите може слободно да го користите.


Како што може да забележите не е едноставно да се направи еден добар органски и сигурен производ за заштита од сонцето. Потребно е вистинска комбинација на состојките, одлична умешност при подготовката (овој вид на емулзии масло во вода се најтешки за изработка) и секако пред сѐ високо квалитетни состојки.

Друга важна работа која сакам да ја споменам е што размерот на заштита од УВА и УВБ зраците (како што може да забележите на сликата од декларацијата погоре) е 1:3 што значи дека кремот е ефикасен и кај УВА зраците што е од огромна важност. 100% од состојките доаѓаат од природно потекло, а 25,35% од вкупниот збир на состојки во овој производ е од органско потекло.



Структурата на овој крем не е премногу густа, меѓутоа  ни премногу течна. Би рекла има една вистинска структура на производ кој е лесен, а истовремено и хранлив. Кога ќе го намачкате на телото кожата ја чувстувате влажна и нахранета, меѓутоа не е отежнета, во смисла немате чувство на непријатност како кога ќе ставите крем кој буквално ви “тежи“. Мора да напоменам дека има фантастичен мирис кој не можам точно да го дефинирам, меѓутоа потсетува на море и на плажа.

Една мала маана на некои органски креми за заштита од сонцето (не сите секако) е тоа што оставаат бела трага на телото, особено откако ќе излезете од вода. Ова се должи на фактот што во составот се користат цинк оксид и титаниум диоксид како заштитни филтри кои се минерали во прав и даваат бела боја на самиот производ. Меѓутоа, сѐ зависи од формулата и од правилната комбинација на истиве филтри со останатите состојки во производот, а пред сѐ и димензијата на честичките на овие прашкасти состојки. Некои од фирмите користат нанотехнологија за да ги минимизираат и да ја сведат на минимум таа бела трага, додека други пак ги обложуваат (најчесто со магнезиум) или пак ги микронизираат.

Во овој производ титаниум диоксидот е микронизиран, меѓутоа не е користена нано технологија. Тоа значи дека честиските се доволно мали да не оставаат бела трага, меѓутоа не премногу за да навлезат во организмот (иако сеуште нема официјални докази за нанотехнологијата, ова го напоменаувам за сите оние на кои можеби им пречи). Кога кај еден производ ќе го видите сертификатот на Eco Cert можете да бидете сигурни дека титаниум диоксидот е микронизиран, бидејќи е еден од условите да се добие овој серификат.

Мора да напоменам дека за среќа овој производ не остава бела трага, доколку убаво го размачкате (потребни ви се околу 10 секунди). Ова е од особена важност за да се избегне оној ефект на дух на плажата. Еве погледнете како изгледа намачкан на мојата рака



а погледнете го ефектот на плажа и по излегување од вода


Има минимално бело, откако ќе се излезе од вода, кое не се ни приметува, меѓутоа тоа се должи повеќе на фактот што сестра ми не може да стигне убаво да го размачка производот на децата, затоа што штом почнала тие веќе полу недомачкани трачаат кон морето :) Ако и вашите деца се негрпеливи и не можете на раат убаво да ги намачкате, знајте дека нема да се вратат од морето “бели“.

Друго нешто што мора да напоменам и што мене особено ми се допаѓа е фактот што кремот доаѓа во едно кутивче наречено airless или на македонски би било “безвоздушно“, кое додатно го штити производот и не дозволува при земањето во него да навлезат бактерии (знаеме дека на плажата не ни се секогаш чисти рацете). Лично ги обожавам ваквите пакувања и навистина се радувам што е случај и кај овој производ. Доаѓа во пакување од 50 мл. и истиот може да го најдете во продажните места на Биоорганика и во подобро снабдените аптеки.


За безгрижна игра на вашите најмали во текот на целиот престој на летните одмор (секако со превземање на одредени мерки и не изложување на директно сонце од 12 до 16 часот), овој крем е вистинскиот производ за една правилна, природна и органска заштита од сонцето. Навистина топло ви го препорачувам и можам да кажам дека од сите производи кои досега сум ги пробала, овој лично најмногу ми се допадна не само како структура туку и како ефект.

За на крај ми останува да ви посакам пријатни летни одмори каде и да одите и сетете се правилно да ја заштитите кожата на најмалите од сончевите зраци во текот на целиот летен период, без да ја попречите нивната игра на плажата.


Ве гушкам и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Здраво Вики, каде може да се најде кремот и дали го препорачуваш како секојдневен флуид за лице и под шминка?
    Поздрав.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Тијана, кремот може да се најде во продажните места на Биоорганика во Сити Мол и во центар карши поранешен Мекдоналдс, како и во сите подобро снабдени аптеки. Како производ секако е погоден и за таа намена, особено летно време за преку ден. Одлично би било доколку врз него ставиш минерална пудра во прав (секако органска) затоа што го зголемуваш заштитното дејство со оглед на тоа што во минералните пудри има цинк оксид и титаниум диоксид, а и го избегнуваш ефектот на кожа која свети. Ти советувам да пробаш и да видиш како ќе ти одговара. Поздрав.

      Delete

Post a Comment