Какао путер на Institute Organica - вистински благодет за кожата и косата


Здраво драги мои,

мислам дека Institute Organica не престануваат да ме изненадуваат и воодушевуваат со своите производи. Таман си помислив дека ви претставив сѐ од оваа марка, маслата (арганово, јојоба и макадамија) кои се феноменални, потоа шеа путерот, кокосовоиот путер (кој е единствен кај нас на пазарот), и ете се појавија со уште еден нов фантастичен производ кој е од особена важност за убава и здрава кожа, а богами и коса, односно какао путерот. Штом го видов на пазарот кај нас во Скопје, веднаш го земав за да го истестирам и да ви направам една статија најнапред за самата состојка, а секако и рецензија за квалитетот и ефектите на самиот производ.

Ајде најнапред да проговориме за самата состојка, што претставува, како се добива и што содржи во својот состав.

Какао путерот се добива од зрната какао на билката Theobroma cacao која има потекло претежно од Јужна Америка и од некои тропски земји. Зрното какао природно содржи висок процент на масти (50%) кои имаат неверојатно позитивно дејство врз нашата кожа и коса, за кое ќе зборуваме понатаму во текстот. Путерот се добива на тој начин што најнапред зрната какао се вадат од нивната лушпа и се оставаатво буриња природно да ферментираат од 2 до 10 дена (со што се интензифицира мирисот на самиот путер). Потоа се ставаат на сонце природно да се исушат и откако ќе се исушат, по пат на притискање (топло цедење) се одвојува маслениот дел кој се филтрира и рафинира (во зависност од намената) и се добива какао путерот. Тоа што останало од зрната какао по пат на поинаков процес на обработка се претвора во какаото во прав за внатрешна употреба.


Какао путерот содржи 59,7% заситени масти и 35,9% незаситени масти и воопшто не содржи холестерол. Во најголем процент е застапена олеинската киселина (од 33% до 39%), потоа стеаринска (од 30% до 37%), палмитинска (од 24% до 31%)  на крај линолеинска (околу 2%).

Олеинската киселина претставува еден вид на незаситена масна киселина која припаѓа на семејството на омега 9 масни киселини. Висока застапеност на олеинската киселина во едно масло или путер значи поголема издржливост и отпорност на истите на високи температури. Благодарение на олеинската киселина, овој путер е богат со токоферол (витамин Е) и полифеноли, што значи дека има големо антиоксидантно влијание.

Стеаринската киселина претставува заситена масна киселина. меѓутоа во случајов е од растително потекло а не од животинско. Токму таа ја дава цврстата структура на какао путерот. Благодарение на неа, овој путер има големо омекнувачко дејство врз кожата и не остава чувство на масна кожа туку дава еден вид на сув ефект.

Доколку сакате да нанесете состојка која на некој начин ќе ја “имитира“ природната композиција на мастите природно присутни кожата (во смисла на компатибилност), во тој случај од особено значење е да се користат путери и масла кои содржат палмитинска киселина.

Какао путерот исто така содржи и полифеноли кои имаат големо антиоксидантно дејство, потоа фитостероли кои имаат антивоспалително (антиинфиаматорно) дејство и емолиентно (омекнувачко) дејство врз кожата. Богато е со витамин Е во чиста форма токоферол, кој претставува антиоксиданс и го спречува штетното влијание на слободните радикали, а со самото тоа на производот му дава и анти ејџ ефект.

Одличната композиција на заситени и незаситени масни киселини во какао путерот прави да истиот има големо заштитно, хранливо, омекнувачко и антивоспалително дејство  врз нашата кожа. Токму благодарение на овие својства, какао путерот најмногу се препорачува кај оние со сува и чувствителна кожа склона кон црвенила и иритации, потоа кај лицата кои страдаат од дерматитис, како и кај оние со повозрасна кожа. Да ве потсетам дека благодарение на заштитното и ленитивното дејство, какао путерот се користи и како главна состојка во многу кармини и балзами за уста.

Зошто токму какао путерот на Institut Organicа?


Како и сите производи од оваа марка, станува збор за 100% чист производ. Со оглед на тоа што имам пробано скоро сѐ од оваа марка (маслата од јојоба, макадамија и арган, шеа путерот, кокосоиот путер) и се покажале одлични, некако автоматски ми доаѓа да имам доверба во секој нивни следен производ.

Овој какао путер има бледо жолтеникава боја и преубав мирис на чоколадо кој не е премногу интензивен туку баш благ и пријатен, како што и впрочем треба да биде еден квалитетен какао путер за козметичка употреба. Кога купувате масла или путери, секогаш сум ве учела да ја гледате декларацијата за да утврдите што тој производ содржи. Доколку е чисто масло или чист путер, на самата опаковка во декларацијата треба да стои една единствена состојка, односно латнското име на самото масло или путер. Латинското козметичко име на какао путерот е Theobroma cacao (cocoa) seed butter (се користат и двете назнаки: или какао или кокоа, меѓутоа станува збор за истата состојка). Како што може да забележите на опаковката пишува 100% pure Theobroma cocoa seed butter, односно 100% чист какао путер добиен од истоименото дрво кое расте на Брегот на Слоновата Коска.

Еве на оваа слика може да ја видите структурата на овој производ.



Има цврста путер, структура, која преминува во течна состојба на температура над 35°C (во контакт со кожата, под дејство на телесната топлина се топи). Доаѓа во прекрасно кутивче од 50 гр. кое е темно и додатно го штити производот. Мене лично премногу ми се допаѓаат нивните амбалажи, затоа што се практички и премногу интересни. Се гледа дека се изработени со особено внимание. Да напоменам дека е само за козметичка употреба (иако ќе ви доаѓа да го изедете).



На кои сѐ начини може да го користиме овој производ?

Кожа: Какао путерот може да се користи директно чист на кожата, доколку како што претходно напоменав имате многу сува кожа, возрасна кожа или пак кожа склона кон иритации или дерматитис. За подобар ефект може да го помешате со шеа путер, кокосово масло, или било кое друго масло кое ви се допаѓа. Може да го користите за нега на кожата на лицето или телото, како и за нега на чувствителната кожа на усните доколку немате балсам за усни, или пак едноставно сакате нешто што е многу природно и ефикасно. Мажите може слободно да го користат како средство после бричење, со оглед на тоа што ја храни и омекнува кожата, која е особено чувствителна после бричењето.

Во продолжение ви оставам еден рецепт за домашен путер за нега на кожата на телото кој е спас за сува кожа, особено сега за време на летните одмори кога сонцето и морската сол додатно ја сушат нашата кожа. Овој путер ја враќа еластичноста и сјајот на нашата кожа, ја прави поздрава, а со самотот тоа и поубава. Потребни се следниве состојки:

1 ипол супена лажица какао путер на Institut Organica
1 ипол супена лажица шеа путер на Institut Organica
1 ипол супена лажица кокосово масло (или кокосовиот путер на Institut Organica)
1супена лажица нишесте
етерично масло или козметички мирис (доколку имате)


Јас за жал го потрошив кокосовиот путер на Institut Organica, така да ќе користам кокосово масло со мирис на монои кое го обожавам затоа што ме асоцира на лето и на плажа. Најнапред омекнете го какао путерот на пареа (не го топете, само колку да омекне и да биде полесен за обработка). Додадете го шеа путерот и кокосовото масло и почнете да работите со еден миксер или машинка за нескафе сѐ додека сите состојки да се спојат убаво и да се добие една хомогена, односно изедначена смеса. Смесата продолжете да ја работите со вториот миксер додека да добиете уште поубава и пенлива смеса. Додадете го нишестето и по желба 7 капки некое етерично масло (лаванда, роза, портокал) и продолжете да работите уште неколку секунди со миксерот додека сѐ убаво да се спои. Доколку користите портокал, внимавајте овој путер да го нанесувате навечер по туширање, односно да не се изложувате на сонце бидејќи самото етерично масло е фотонестабилно.Откако вашиот путер ќе ја добие саканата форма, ставете го во едно кутивче и користете го на благо навлажнета кожа на телото после секое туширање.

Ви оставам видео во кое чекор по чекор ви го претставувам целиот процес.


Коса: доколку имате многу сува коса склона кон испукани врвови или виткана коса, во тој случај какао путерот е вистинскиот производ за вас. Може да го корстите чист врз косата како третман пред миење или помешан со некое друго масло (на пример кокосово) или други состојки како јајце, мед, алое вера гел и.т.н. Какао путерот може да го нанесувате и пред фенирање како средство за стајлинг и заштита од топлината од фенот. Во овој случај доволно е да стопите помеѓу прстите многу мала количина и да ја нанесете само по должината на косата и на врвовите пред фенирањето.

Домашна чоколадна масажа- вистински рај за сетилата


Би сакала за на крај да ви оставам и рецепт за една чоколадна масажа која може да ја направите на пример заедно со вашите партнери и која верувајте не само што ќе ја регенерира кожата, туку и ќе ги релаксира сите сетила. Оваа иста масажа може да ја направите и сами на оние делови каде имате проблеми со целулитот со оглед на тоа што  какаото содржи една состојка теобромин кој има антицелулитно дејство и го помага исфрлувањето на вишокот на течности. За овој тип на масажа потребни ќе ви бидат само две состојки и тоа:

- темно чоколадо со што повисок процент на какао (она за готвење)
- какао путер на Institut Organica

Количината на состојките зависи од зоната која сакате да ја третирате: на пример за антицелулитна масажа доволно е да користите 50 гр. чоколадо со половина супена лажица какао путер. На пареа стопете ги двете состојки. Истуширајте се и истапкајте ја кожата со пешкир оставајќи ја многу благо навлажнета. Нанесете ја топлата смеса на чоколадо и какао путер (топла не врела да не се изгорете) и убаво масирајте со енергични движења одоздола па нагоре, сѐ додека смесата комплетно не се впие во кожата. Оставете да делува околу 20 мин. па исплакнете само со вода за да се измие евентуалната боја од какаото и да не ви ги потемни алиштата. Исушете и вашата масажа е готова. Правете го ова двапати неделно за подобри резултати. Во смесата може да додадете и 4 капки етерично масло од рузмарин на пример кое додатно ќе ја подобри циркулацијата на кожата и ќе биде од голема помош при оваа проблематика.

За масажа на грбот на пример, стопете 150 гр. чоколадо со една супена лажица какао путер. Топлата смеса (не врела) нанесете ја директно на сува кожа на грбот и оставете да отстои околу 5 мин. Под дејство на топлината порите ќе се отворат и масажа ќе биде порпијатна. По истекот на тие 5 мин. вашиот партнер (или лицето кое ви прави масажа) може слободно да почне да масира со благи движења. Откако кожата ќе ја апсорбира скоро цела смеса, може да се истуширате и да уживате во бенефициите кои масажата ги има врз вашето тело и психа.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна. Дали досега го имате пробано/користено какао путерот и како ви се допаднал како состојка? Вашите коментари се добредојдени под статијата.

Јас ве гушкам, а ние се читаме наскоро.
Вики

Comments

  1. Каде може да се купи овој путер?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Сања, путерот може да се купи во ДМ Маркетите и во аптеките на Еурофарм. Поздрав.

      Delete
    2. Драга Весна цената е 469 мкд за 50 гр. Поздрав.

      Delete
  2. Ме интересира дали путерот(направениот ,не овој на Institut Organica) треба да се чува во фрижидер или не мора.Дали ако се чува на собна температура ќе ја изгуби оваа убава структура и ќе стане течен,или пак нишестето ќе спречи топење?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Рената, нема потреба да се чува во фрижидер пропорцијата на состојките е така направена да нема да се стопи. Јас го чувам во купатилото и го користам по секое туширање. Кај мене структурта стана за нијанса поцврста отколку дента кога го направив. Слободно чувај го на собна температура. Поздравче

      Delete

Post a Comment