Летна нега со 2 фантастични производи на германската марка Alverde


Здраво драги мои,

колку сум само возбудена да ви претставам два нови и прекрасни производи на германската марка Alverde, односно производот за измивање Reinigungsmilch Perfekter Teint Gel-to-Milk и маската 2 во 1 (пилинг плус серум/маска). Особено сум среќна за гелот за миење со оглед на тоа што ми стана буквално најомилениот производ од оваа марка. Дефинитивно овој гел е најнежниот измивач кој досега сум го пробала и мислам дека нема друг од овој тип на пазарот, барем кај нас. Ајде да започнеме со ред... 

1. Гел измивач за лице на Alverde


Оригиналниот наслов на овој производ е “производ за измивање кој од гел преминува во млеко“...да токму така убаво прочитавте овој производ има гел структура (како што може да видите од самите слики), меѓутоа во контакт со вода при миењето преминува во млеко. Како што напоменав ова е прв производ од овој вид кај нас на пазарот и дефинитивно оригинален и корисен. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата и да проговориме на кој принцип функционира. 

INGREDIENTS: Glycerin, Helianthus Annuus Seed Oil*, Sucrose Stearate, Prunus Amygdalus Dulcis Oil*, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Calendula Officinalis Flower Extract*, Hoya Lacunosa Flower Extract, Tocopherol, Helianthus Annuus Seed Oil, Aqua, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum**, Limonene**, Linalool**, Citronellol** 
*ingredients from certified organic agriculture 
** from natural essential oils 


Она што веднаш може да се забележи во декларацијата е дека овој производ воопшто не содржи сурфактанти!!! Па добро ќе се запрашате, тогаш како мие??? Тајната е во формулата, емулзијата и состојките кои се користени. Станува збор за еден производ односно измивач кој делува благодарение на емулзијата односно миксот на вода + масла/путери + емулгатор. Маслата ги “лепат врз себе нечистотиите (кои се од маслена природа), водата го измива од лицето (во контакт со вода), а благодарение на емулгаторот кој ги спојува двете фази (маслената и водената) производот одлично ги трга или отстранува нечистотиите од лицето само со употреба на вода. 

Главна состојка овде е глицеринот кој со оглед на тоа што станува збор за производ на измивање може да биде ставен во голема количина (во спротивно би лепел на кожата). Производов содржи и вода иако е присутна во мала количина. Како масла користена е прекрасна комбинација на сончогледово масло, бадемово масло, масло од семки од кајсија, каприлис и витамин Е. Овие две фази (водената и маслената) споени се по пат на ладна емулзија (без загревање) со помош на Sucrose Stearate кој е емулгатор кој прави емулзии на ладно односно под 40 степени. Исто така содржи и екстракти од невен и  Hoya Lacunosa која е позната под името “порцеланско цвеќе“ со оглед на тоа што е богато со флавоноиди и фитостероли и дава еден вид на порцелански изглед на кожата, во смисла прави самата кожа да сјае.


Откако ја разгледавме декларацијата, ајде да преминеме на ефектот. Како што претходно напоменав овој производ во контакт со водата од гел преминува во млеко, а тоа може да го видите и од сликите




Се нанесува на влажна кожа и благо се масира со кружни движења


Се одмива со млака вода и на крај миењето се завршува со поладна вода за подобрување на циркулацијата на кожата. Уште првиот пат кога ќе се измиете со овој производ ќе почувствувате огромна разлика. Кожата воопшто нема да ви биде затегната и да ве пецка, туку ќе ја почувствувате мека, свиленкаста и нежна. Овој производ е идеален за сите оние кои имаат сува и чувствителна кожа, меѓутоа одличен е и за оние со комбинирана до масна кожа бидејки одлично измива а не суши. Верувајте ми по миењето доколку поминете со едно памукче и тоник за лице, нема воопшто да најдете никаков траг од нечистотија. Јас буквално се вљубив во производов. Според мене е идеален како летно време кога сонцето додатно ја суши кожата и потребен е производ кој при миењето нема да изврши голема агресија врз истата, така и зимно време кога пак студот ја суши кожата. Топло ви советувам да го земете затоа што е фантастичен. 

2. Маска за лице 2 во 1 (пилинг + серум маска)


Оваа маска ја одбрав намерно бидејќи е оригинална и ми се допадна веднаш. Станува збор за маска 2 во 1 односно најнапред се користи првиот дел од маската кој има прочистувачки ефект и прави благ пилинг на кожата, а потоа и втората маска која дава неверојатна хидатација и сјај на кожата благодарение на екстрактите од лимета и јаболко. Ајде да ги разгледаме декларациите на двете маски (односно двата дела) и да видиме како се користат.

Маска бр. 1 или пилинг маска:


Aqua, Silica, Alcohol*, Sorbitol, Coco - Glucoside, Xanthan Gum, Hydrated Silica, Parfum**, Aloe Barbadensis Leaf Juice*, Glycine Soja Oil*, Potassium Cetyl Phosphate, Salix Alba, Bark Extract, Glycyrrhiza Glabra Root Extract*, Mentha Piperita Leaf Extract*, Sodium Lactate, CI 77499, Loess, Limonene**, Linalool**, Citral**, Citronellol**, Geraniol**, Benzyl Benzoate**
* ingredients from certified organic agriculture
** from natural essential oils

Oваа маска е навистина многу интересна затоа што има двојна улога како прочистувач и како пилинг на кожата, односно ја подготвува кожата за вториот третман. Овој дел во својот состав содржи корен од сладунец, екстракт од врба,  екстракт од нане. Силиката на втора позиција има улога да го апсорбира вишокот на себум и нечистотии од кожата. Оваа маска како и вториот дел се наменети исклучиво за комбинирана до масна кожа.

Маската се нанесува на убаво исчистена кожа избегнувајќи го делот околу очите и се остава да делува околу 10 мин.



Како што ќе поминува времето маската ќе менува боја, односно од црна преминува во сива.


Мене 10 мин. (времето кое е означено на самото пакување) ми беа премногу, така да јас би ви препорачала кога ќе почне да ве затега да ја извадите со млака вода и кружни движења. Е токму тука доаѓа оној пилинг дел бидејќи маскава нежно ја ексфолира кожата без да ја иритира или оштети. Фактички со самото миење се прави нежен пилинг на кожата.

По користењето кожата ја чувствувате мека и мазна и перфектно чиста и подготвена е за вториот чекор, односно хидратацијата.

Маска бр. 2 или хидратација на кожата:


Aqua, Glycerin, Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Alcohol*, Myristyl Alcohol, Cetearyl Alcohol, Butyrospermum Parkii Butter*, Cellulose, Aloe Barbadensis Leaf Juice*, Sodium Lactate, Parfum**, Olea Europaea Fruit Oil*, Citrus Aurantifolia Fruit Extract*, Pyrus Malus Fruit Extract*, Mangifera Indica Seed Butter, Xanthan Gum, Potassium Cetyl Phosphate, Sodium Hyaluronate, Tocopherol, Acorbyl Palmitate, Limonene**, Citral**, Benzyl Alcohol**, Linalool**, Geraniol**, Citronellol**
* ingredients from certified organic agriculture
** from natural essential oils

Оваа маска има за цел да ја хидрира кожата и да го зголеми сјајот на самата кожа и да ја направи покомпактна. Во својот состав содржи шеа путер, алое вера сок, глицерин, маслиново масло, екстракт од јаболко и екстракт од лимета. Има големо омекнувачко дејство, меѓутоа искомбинирана е така да не ја масти кожата, туку само длабински да ја хидрира. 

Се користи на тој начин што се нанесува на кожата во мал слој (јас претерав ја нанесов цела маска, меѓутоа за убаво да ви покажам). Вие може комотно да нанесете половина од количината а другата убаво да ја затворите ќесичката и да ја употребите следен пат.



Интересно кај оваа маска е тоа што не се одмива, туку вишокот се отстранува со една памучна дискета или пак се втрива во кожата. Би ви препорачала да ја користите навечер затоа што содржи цитрусни екстракти, а и затоа што во текот на ноќта кожата подобро ќе ја апсорбира и ќе ги искористи сите хранливи својства.

Верувајте ми по употребата на оваа маска кожата ќе блеска со целиот свој сјај.

Драги мои се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе пробате дел од овие производи кои ви ги претставив и кои верувајте ми вредат. Доколку веќе сте пробале некој од производите слободно оставете ваше мислење под самата статија. 

Ве гушкам и се читаме наскоро.
Вики

Comments