Кажете му стоп на опаѓањето на косата со шампонот и серумот од органската марка Dr. Konopka's


Здраво драги мои,

едно од најчесто поставуваните прашања кои ги добивам се однесува токму на зголеменото опаѓање на косата како еден од најголемите проблеми на денешницава. Обично ме прашуваат совет за избор на правилен шампон, додатни третмани како масла, лосиони или серуми итн. На пазарот се нудат голем број на шампони и додатни третмани за оваа проблематика, меѓутоа секојпат кога сум добила барање за совет сум била во недоумница што да препорачам, бидејќи голем дел од производите за оваа намена (скоро 90%) не се на природна база и содржат силикони, парабени или пак акгресивни сурфактанти. Епа драги мои, веќе не сум во недоумница благодарение на органската марка Dr. Konopka's која неодамна ја отркив и истестирав врз себе. Со оглед на тоа што прват ви ја претставувам оваа марка, би сакала да кажам збор два за истата и подобро да ве запознаам со филозофијата и идејата на Dr. Konopka's.

Пред повеќе од 90 години докторот Конопка отворил мала приватна аптека во преградието на Талин, Естонија. Решил да го посвети својот живот на билките и растенијата, користејќи ги во фармаколошки цели. Како прв производ создал крем за ублажување на рани базиран на 48 билки. Клиентите биле вчудоневидени од ефектот на самиот крем кој го нарекле „чудотворниот крем на Др. Конопка“. По извесно време тој почнал да создава и производи за нега на косата кои исто така имале голем успех кај потрошувачите. Станал толку популарен што почнал да испорачува и во соседните градови. Сите производи најнапред биле тестирани и одобрени од страна на неговата жена која имала многу високи стандарди и барања. Во 1938 година, тој на сопствен трошок објавил книга со природни рецепти во лимитиран тираж.

Во 2013 година компанијата Eurobio Lab решила да ги врати во живот старите испробани и успешни рецепти на Др. Конопка комбинирани со модерните технолошки достигнувања во козметологијата. По три години напорна работа првите старо- нови производи биле пуштени во продажба. Сертифицирана е како органска козметика од страна на Cosmos Natural со логото на германскиот сертификат за органска козметика BDIH.


Откако ја запознавме оваа прекрасна марка, може да преминеме на рецензија на производите кои го подобруваат случајот со опаѓање на косата, односно шампонот и серумот за коса. Мора да напоменам дека сум презадоволна од оваа линија и камо среќа порано да ја откриев. Станува збор за два производи комплетно на природна база со органски сертификат кои навистина функционираат.

Доколку редовно ме следите, знаете дека имам тенко влакно на косата кое е навистина многу нежно. Во периодите на промена на годишните времиња, секако и јас имам проблем со она “сезонско опаѓање на косата“ кое може да се ублажи со користење на вистински производи, правилна исхрана или додатоци во исхраната. Секако, понекогаш и надвор од тој сезонски период под дејство на стрес или зголемени активности, може да се забележи поголемо опаѓање на косата. Мислам дека секој од нас (во одреден период од животот) имал проблем со зголомено опаѓање на косата, и доколку не станува збор за нешто сериозно (хормонални проблеми или терапии) во тој случај овие два производи може да направат чуда за вашата коса. Лично почнав да ги користам од крајот на месец мај (и сеуште ги користам) и навистина воодушевена сум колку делуваат и колку паѓањето на косата при секое миење се намалува.

1. Шампон против косопаст на Др. Конопка



Овој шампон е нешто феноменално верувајте ми. Иако многупати имам напоменато дека мој најомилен шампон е дефинитивно тој со зелен чај на Уртекрам, хмммм сега малку се подразмислувам. Овој го дава скоро истото дејство врз косата како и тој со зелен чај, и многу повеќе. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на истиот, па дури потоа да проговориме за ефектот и дејството врз косата.

INCI: AQUA, SODIUM COCO-SULFATE, COCAMIDOPROPYL BETAINE, LAURYL GLUCOSIDE, GLYCERIN, OLEA EUROPAEA FRUIT OIL*, HELIANTHUS ANNUUS HYBRID OIL*, MELALEUCA ALTERNIFOLIA LEAF OIL*, ARGANIA SPINOSA KERNEL OIL*, MACADAMIA TERNIFOLIA SEED OIL*, SIMMONDSIA CHINENSIS SEED OIL*, RUBUS IDAEUS SEED OIL*, OENOTHERA BIENNIS OIL*, ROSMARINUS OFFICINALIS LEAF OIL*, HELIANTHUS ANNUUS SEED OIL*, CALENDULA OFFICINALIS FLOWER EXTRACT*, RUBUS CHAMAEMORUS FRUIT EXTRACT*, ARNICA MONTANA FLOWER EXTRACT*, PRUNUS AMYGDALUS DULCIS OIL*, LAVANDULA ANGUSTIFOLIA OIL*, CITRUS LIMON PEEL OIL*, CAMELLIA OLEIFERA SEED OIL*, CITRUS AURANTIUM DULCIS PEEL OIL*, AMARANTHUS SPINOSUS SEED OIL*, COFFEA ARABICA SEED OIL*, ROSA CANINA FRUIT OIL*, HIPPOPHAE RHAMNOIDES FRUIT OIL*, VITIS VINIFERA SEED OIL*, PERSEA GRATISSIMA OIL*, TOCOPHEROL, SODIUM CHLORIDE, GUAR HYDROXYPROPYLTRIMONIUM CHLORIDE, CITRIC ACID, BENZYL ALCOHOL, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, PARFUM, LIMONENE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Од декларацијата може да забележиме дека базата на овој шампон е составена од благи и убаво избалансирани сурфактанти. Како основен сурфактант го имаме содиум коко сулфатот кој е одлично избалансиран со бетаинот и лаурил глукозидот како еден од најнежните сурфактанти. Овој производ одлично ја измива сета нечистотија од нашата коса (благодарение на примарниот сурфактант содиум коко сулфат), има одлична пенливост благодарение на амфотерниот сурфактант (бетаинот) кој освен тоа што ја подобрува пенливоста ја намалува агресивоста на примарниот сурфактант. Лаурил глукозид е нејонски сурфактант кој иако е еден од најнежните, има сепак убава пенливост. Oвој е еден од најнежните сурфактанти кој се става за да го ублажи примарниот сурфактант во еден шампон и да го направи целокупниот производ што понежен за кожата на главата. Комплетно е биоразградлив.


Благото дејство на шампонот освен на прекрасниот сооднос на сурфактанти се должи и на употребата на масла во самиот производ. Може да забележиме присуство на: маслиново масло, сончогледово масло, масло од арган, масло од јојоба, масло од рузмарин, масло од лаванда, масло од макадамија, масло од чајно дрво, масло од малина, масло од ноќна јаглика, масло од авокадо, масло од семки од грозје, масло од портокал, масло од цитрус и масло од шипка. Овој прекрасен микс на масла кој Др. Конопка ги има патентирано во два микса како N37 и N52 се од огромна важност за здравјето и убавината на нашата коса. Особено би ги издвоила маслата од рузмарин, чајно дрво, портокал и лаванда како специфични масла кои го спречуваат опаѓањето на косата.

Од оргомна важност се и екстрактите, кои иако се употребуваат во помала количина (сепак се концентрирани) имаат огромно позитивно влијание и го подобруваат ефектот на овој производ. Конкретно во овој шампон може да забележиме екстракти од: невен, нордиска малина и екстракт од арника.

Ајде да преминам на дејството на овој производ врз косата. Најнапред мора да напоменам дека се чувствува прекрасниот мирис на билки каде доминира лавандата. Кога ќе се измиете, прво нешто што ќе забележите е дека косата е перфектно мека. Ретко кој шампон ја остава косата мека без употреба на регенератор. Овој благодарение на големиот борј на масла кои се употребени во самата формула, одлично омекнува, мие и што е најважно не суши, односно не ја остава косата заплеткана па да мора да користите регенератор. Моето влакно е потенко и ова е ефект лично кај мене, кај оние кои имаат погусто влакно не би знаела да кажам, сепак е индивидуално. Меѓутоа ниеден шампон досега не ми ја оставил косата толку мека како овој. Откако ќе ја измијам може слободно да поминам со прстите за да ја расчешлам на тој начин (знаеме дека мокра коса не се чешла за да не се оштети истата и да се доведе до испукување на врвовите). Погоден е за нега на сите видови на коса. Еве јас периодов го користам многу често (базен, плажа, спорт) и скоро секојдневно мора да ја мијам косата. Одличен е како секојдневна нега, не го иритира склапот, ја остава косата мека и што е најважно дава сјај на косата. Еве во продолжение погледнете неколку слики од дејството на овој шампон. Косата е измиена само со шампонот.




Сега доаѓа и најдобриот дел, овој шампон доаѓа во пакување од 500 мл. за 360 мкд. Значи пола литар ваков прекрасен шампон го плаќате само 360 денари. Како и сите производи на измивање, шампонот пожелно е да биде поддржан од додатен третман, во случајов серумот за коса против опаѓање од Др. Конопка.

2. Серум за спречување на опаѓањето на косата на Др. Конопка



Оваа мала тубичка има огромна моќ и успешно го спречува опаѓањето на косата.

Aqua,Glycerin, Melilotus Albus Flower/Leaf/Stem Extract*, Carrageenan, Articum Lappa Root Extract*, Caprylyl/Capryl Wheat Bran/Straw Glycosides, Fusel Wheat Bran/Straw Glycosides, Polyglyceryl-5 Oleate, Sodium Cocoyl Glutamate, Glyceryl Caprylate, Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Olea Europaea Fruit Oil*,Argania Spinosa Kernel Oil*,Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Prunus Amygdalus Dulcis Oil*, Lavandula Angustifolia Oil*, Macadamia Ternifolia Seed Oil*, Citrus Limon Peel Oil*, Camellia Oleifera Seed Oil*, Citrus Aurantium Dulcis Peel Oil*, Amarathus Spinosus Seed Oil*, Coffea Arabica Seed Oil*, Rosa Canina Fruit Oil*, Hippophae Rhamnoides Fruit Oil*, Vitis Vinifera Seed Oil*, Persea Gratissima Oil*, Tocopherol, Benzyl Alcohol, Dehydroacetic Acid, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Citric Acid

Од декларацијата може да забележиме дека овој серум ги содржи истите екстракти и масла како шампонот, меѓутоа овојпат нема да ги измиеме од косата и тие ќе продолжат да делуваат се до следното миење. Ми се допаѓа фактот што овој производ не содржи алкохол, туку дејството се должи на присуството на самите екстракти во производот. Не е нагласено дали станува збор за глицерински екстракти, екстракти во прав или добиени со CO2, меѓутоа едно е сигурно, истите не содржат пропилен гликол или алкохол ианку тоа ќе беше назначено во декларацијата. Овие екстракти делуваат на тој начин што ја подобруваат циркулацијата на темето на главата, а знaеме дека подобра циркулација значи и подобро здравје на фоликулите на косата. Билките и нивните екстракти содржат значајни витамини и антиоксиданси кои се од огромно значење за оваа проблематика.

Маслото од амарант присутно во овој серум го зајакнува коренот на косата и го ревитализира самото влакно. Маслото од лаванда ја заштитува и храни косата. Естрактот од невен ја спречува иритацијата на темето од косата, екстрактот од рузмарин ја стимулира циркулацијата, а екстрактот од нордиската малинка е вистинска витаминска бомба.


Се нанесува по миењето на косата со шампонот кој го рецензирав погоре, на влажна коса само на коренот. Најнапред истапкајте ја нежно косата со еден пешкир (за да го отстраните вишокот на вода од самата коса) и потоа со помош на прстите нанесете мала количина од овој серум на коренорт на косата. Направете блага масажа со прстите со кружно движење околу минутка две и не исплакнувајте. Летно време оставете ја косата природно да се исуши или кратко засушете ја со фен.

Овој серум доаѓа во пакување од 20 мл. по цена од 360 мкд.

Од употребата на двата производи заедно забележав и поголем волумен и сјај на косата (ова сигурно се должи на сите прекрасни масла во самите производи). Доколку косaта ја исфенирате или направите фризура, истата ќе биде поубава и посјајна. Верувајте ми ќе забележите голема разлика пред и по месец дена употреба на овие два производи заедно. За на крај би сакала да ви оставам едно видео, како правилно да ги користите овие два производи заедно и да ви овозможам да го видите ефектот на истите во живо.


Јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Доколку сте по потрага по еден одличен производ кој ќе го спречи и ублажи прекумерното опаѓање на косата, а сепак сакате истиот да биде природен и органски, во тој случај ова е вистинскиот избор за вас. Да напоменам дека може да ги најдете на штандот на Белина во трговските центри Рамстор и Сити Мол во Скопје и Палма Мол во Тетово, како и онлајн на bellina.mk

Ние се читаме наскоро а јас дотогаш ве гушкам.
Вики

Comments