Етерични масла кои треба да ги понесете на летните одмори


Здраво драги мои,

сеуште сме во тема лето и летни одмори и многумина од вас кои се подготвуваат за летните одмори се мислат што да понесат со себе како прва помош во случај на несоница, болки во главата и стомакот, лошење и повраќање при патувањето, низок притисок, заштита од комарци итн. Во оваа статија би сакала да ви препорачам 3 етерични масла кои треба да ги понесете на летните одмори и кои може да ви се најдат и помогнат во многу ситуации и при многу состојби. Ајде да започнеме.

1. Етерично масло од лаванда


Етеричното масло од лаванда е дефинитивно она масло кое не смее да недостасува во нашите куфери за време на летните одмори. Ова масло е едно од најупотребуваните и помага навистина при многу состојби.

Во случај на вознемиреност, анксиозност или страв од летање капнете 2 капки од ова етерично масло врз едно памучно марамче и вдишете го од време на време. Ова етерично масло има смирувачка моќ и му помага на нашиот организам да се смири, релаксира и опушти.

Доколку страдате од главоболка капнете 2 капки од ова етерично масло на прстите од дланките и нежно масирајте го пределот околу слепоочниците. 

Во случај на болки во стомакот како резултат на циклусот кај девојките и жените, во една кафена лажичка маслиново масло додадете 2-3 капки од лаванда, промешајте и нежно масирајте го долниот дел на абдоменот кај јајниците.

Во случај на несоница, капнете 1-2 капки од ова масло врз перницата со цел полесно и подобро да заспиете.

Во случај на убод од комарец нанесете една капка етерично масло директно врз местото каде е убодот и нежно намачкајте.

Етеричното масло од лаванда е едно од ретките кои може чисто да се користи врз кожата. Секако мора да напоменам дека не треба да се претерува со количината мислејќи дека поголема количина ќе даде и подобар ефект. Напротив, секое претерување дава спротивен ефект од посакуваниот.

2. Етерично масло од нане


Во случај на лошење и повраќање при патувањето, како и во случај на низок притисок врз едно памучно марамче капнете 2 капки етерично масло од нане. Вдишете го од време на време. Ова етерично масло го подобрува расположението.

Во случај на потечени нозе од патувањето или пак како резултат на жешкото, земете една супена лажица алое вера гел и капнете 1 - 2 капки етерично масло од нане. Убаво промешајте и нанесете ја смесата на нозете со благи и кружни движења одоздола па нагоре. Држете ги нозете подигнати на една перница околу 15 мин.

3. Етерично масло од чајно дрво


Доколку сте пристигнале во апартманот и сакате малку да дезинфицирате наоколу (особено во кујната и купатилото) помешајте 2 супени лажици сода бикарбона со 4-5 капки етерично масло од чајно дрво. Додадете малку вода колку да добиете убава смеса и користете ја оваа кремаста паста како средство за чистење на сите површини во кујната и купатилото. Обилно исплакнете.

Во случај на убод на комарец земете една супена лажица алое вера гел и ставете 7 - 8 капки етерично масло од чајно дрво. Убаво промешајте и префрлете ја смесата во едно чисто кутиче. Од оваа смеса ставете мала количина директно врз убодот од комарецот.

Доколку сакате да подготвите масло кое ќе ги брка комарците од вас помешајте:

50 гр. маслиново масло
10 капки етерично масло од лаванда
5 капки етерично масло од чајно дрво
1 капка етерично масло од нане

Убаво промешајте (да се спојат сите состојки) и нанесете од маслото на рацете, нозете и сите оние делови кои се изложени и на ризик од убод на комарци.

Драги мои јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Морам само да напоменам дека јас во никој случај не препорачувам употреба на етеричните масла по внатрешен пат (преку уста) бидејќи се многу концентрирани а со самото тоа и агресивни за организмот. Нивната молекула е толку мала што нанесени надворешно успеваат да продрат во внатрешноста и да навлезат во циркулација на организмот. Затоа нема потреба од конзумирање по внатрешен пат.

Ние се читаме наскоро,  а вие имајте убаво, пријатно и сигурно лето. 
Ве гушкам. 
Вики

Comments