Organique природни пилинзи за свиленкасто мека кожа


Здраво драги мои,

од неодамна кај нас открив една нова полска козметичка куќа Organique. Станува збор за природна козметика, меѓутоа не е органска. Разгледав навистина доста производи на нивниот сајт и можам да кажам дека голем дел од нив имаат прекрасни формули, одличен состав и некои од производите се толку оригинални што, верувајте, ги немам досега видено кај нас на пазарот.

Во денешнава статија ќе ви претставам три прекрасни пилинзи, односно скрабови за тело, меѓутоа тестирам и други производи и кои толку многу ми се допаднаа што едвај чекам да ви ги претставам.

Сработ за тело е производ кој скоро секоја од нас го користи. Главната цел на овој производ е да ги отстрани мртвите клетки од површината на кожата, да ја направи кожата што пубава и помазна, и секако со самото тоа да го подобри изгледот на самата кожа. Во продажба постојат навистина многу производи, меѓутоа овие кои денес ќе ви ги претставам се навистина оригинални и единствени по состав. Намерно ги одбрав токму овие три, со цел да ви помогнам при изборот на идеалниот производ за вас и потребите на вашата кожа.

Станува збор за скработ за тело со козјо млеко, антицелулитниот скраб со кафе и антиоксидантниот скраб со црвено грозје.



1. Скраб со козјо млеко и маракуја за кралски убава кожа

Морам да започнам со овој скраб затоа што лично ми е омилен. Буклвално сум воодушевена не само од составот кој е одличен, туку и од дејството кој го има врз самата кожа. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата и да проговориме за состојките во него.

INCI: SUCROSE, GLYCINE SOJA (SOYBEAN) OIL, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, CETEARYL ALCOHOL, CERA ALBA, PARFUM, BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA BUTTER), GLYCERIN, AQUA, CAPRAE LAC EXTRACT, LITCHI CHINENSIS FRUIT EXTRACT, TOCOPHERYL ACETATE, ALFA-ISOMETHYL IONONE, CITRONELLOL, HEXYL CINNAMALDEHYDE, GERANIOL, LIMONENE, LINALOOL


Станува збор за формула во која одлично се искомбинирани хранливите својства на козјото млеко со витаминскиот и минералниот комплекс на егзотичното овошје маракуја. Базата на овој скраб е шеќерот, а  како масла на втора и трета позиција се наоѓаат маслото од соја и каприлисот кои се две многу лесни масла погодни за секој тип на кожа. Формулата е збогатена со шеа путер, глицерин и витамин Е и пчелин восок.

Уште од времето на Клеопатра, млекото било познато како состојка за нежна, мазна и прекрасна кожа. Протеините во козјото млеко го стимулираат производството на колаген, ја подобруваат еластичноста на кожата и го забавуваат процесот на стареење. Маракујата од друга страна е богата со јаглени хидрати, минерални соли, и витамини од кои како најважни би ги издвоила Б1 и Б2 кои го забрзуваат процесот на обнова на клетките и витаминот Ц.

Овој скраб се употребува на тој начин што се нанесува на благо навлажнета кожа по туширањето со благи кружни движења од долу кон нагоре (од нозете па нагоре по телото). Ви препорачувам вие најнапред да се истуширате со гел за миење или купка (она што најчесто го користите), па потоа да направите скраб и само да го одмиете со вода. На  овој начин нема да ги одмиеме сите убави состојки како на пример маслата и екстрактите кои ќе продолжат на некој начин да делуваат врз самата кожа. Овој производ е толку нежен што го пробав и како скраб за лице и можам да кажам дека кожата на лицето ја остава премногу мазна. Со оглед на тоа што како скраб елемент го има само шеќерот, слободно користете го и за таа намена.


Производот доаѓа во пакување од 200 гр. во прекрасно пластично кутиче. Навистина амбалажата е преубава изгледа многу префинето и стилски направена. Се гледа дека е посветено големо внимание на секој детал. Со оглед на тоа што пожелно е скраб да се прави еднаш неделно производов долго ќе ви трае и како што напоменав ќе може да го користите и за тело и за лице.

2. Антицелулитен скраб со кафе за кожа мазна како свила

Овој скраб е идеален за сите оние кои сакаат да ја подобрат состојбата на целулитот.


INCI: SUCROSE, GLYCINE SOJA (SOYBEAN) OIL, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, CETEARYL ALCOHOL, CERA ALBA, COFFEA ARABICA (COFFEE) SEED POWDER, TOCOPHERYL ACETATE, BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA) BUTTER, PARFUM, BENZYL SALICYLATE

Декларацијата како што може да забележите е навистина едноставна и многу убава. Обожавам вакви едноставни меѓутоа многу функционални декларации. Како состав е слична на претходниот скраб, со разлика на тоа што овде секако има кафе за да се добие тој антицелулитен и слиминг ефект врз кожата.  Можам да кажам дека како состојка, кафето буквално ја буди кожата. Благодарение на кафеинот оваа состојка има дренантно дејство врз кожата (помага во исфрлувањето на вишокот на течности) и научно е докажано дека има својство да ги стимулира оние ензими кои ги топат мастите.

Прво нешто што ми се допаѓа кај овој производ е прекрасниот мирис на кафе кој не е воопшто нападен. Јас лично кафе не пијам и никогаш и не сум пиела, меѓутоа отсекогаш ми се допаѓал неговиот мирис. Второ нешто, што е многу важно да напоменам, е структурата на овој производ. Има прекрасна кремаста структура благодарение на комбинацјата на цетеарил алкохол со пчелиниот восок и шеа путерот. Гранулите не се воопшто крупни, туку се поситни и тоа е одлично затоа што не ја иритираат кожата.


Како и претходниот производ и овој доаѓа во пакување од 200 гр. во прекрасна амбалажа. По употребата на овој производ кожата веднаш ја чувствувате мека и нежна како свила.

Се нанесува само на бедрата (или останатите зони каде имате целулит) на благо навлажнета кожа по туширањето. Се прави блага масажа, се остава да делува минутка или две и се мие само со вода.

3. Антиоксидантен скраб за тело со црвено грозје

Овој скраб за тело е вистински рудник на антиоксиданси кои го спречуваат дејството на слободните радикали врз кожата. Има преубава структура и навистина одлична декларација.


INCI: SUCROSE, GLYCINE SOJA (SOYBEEN) OIL, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, CETEARYL ALCOHOL, VITIS VINIFERA (GRAPE) SEED OIL, CERA ALBA, PARFUM, BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA) BUTTER, GRAPE SEED POWDER (VITIS VINIFERA), TOCOPHERYL ACETATE, TOCOPHEROL (MIXED), BETA-SITOSTEROL, SQUALENE

Базата и за овој скраб е слична односно шеќер масло од соја и каприлис. Овде освен овие две масла присутно е и маслото од семки од грозје кое е богато со полифеноли и линолеинска киселина кои го забавуваат процесот на стареење на кожата. Исто така во овој производ може да забележиме и екстракт од лист од грозје кој е познат по својата способност да ја заштити чувствителната кожа и да ја спречи појавата на црвенила. Овој екстракт доста често се користи и во кремите за лице наменети за кожа со купероза.

Овој скраб содржи комбинација на токоферол (чист итамин Е антиоксиданс) со токоферил ацетат кој е еден вид на витамин Е со омекнувачки ефект врз кожата. Има и присуство на состојката сквален (SQUALENE) која е најкомпатибилна со нашата кожа, односно со структурата на нашиот себум. Кожата веднаш ја препознава и како таква веднаш ја апсорбира. Оваа состојка е навистина доста скапа и ценета.


И овој скраб има преубава структура, а она што многу ми се допаѓа е мирисот. има навистина нежен и пријатен мирис. Доаѓа во пакување од 200 гр. во преубава амбалажа исто како и претходните два.

Во Македонија, овие производи се достапни на вебсајтот Bellina.mk

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе пробате некој од овие производи. Доколку е така, оставете слободно ваш коментар под самата статија. Јас ви најавив дека тестирам уште производи од оваа марка и верувајте едвај чекам да ви претставам неколку оригинални производи кои за првпат ќе ги видите кај нас на пазарот.

Драги мои, јас ве поздравувам и се читаме наскоро во некоја следна статија.
Вики

Comments