Направи сам: домашна пена за миење на лицето со свиленкаст ефект


Здраво драги мои,

малку ме немаше, меѓутоа еве ме повторно со еден навистина интересен рецепт кој ви го ветив пред недела дена, односно пена за миење на лицето која многу лесно може да ја наравите сами дома. Рецептот е дело на една позната италијанска хемичарка која многу ја почитувам и од која многу учам, па редно е да нагласам. Јас малку го модифицирав, меѓутоа сепак идејата е нејзина.

Оригинално овој рецепт се прави со комбинација на сурфактанти (на тој начин може и да се персонализира), меѓутоа, со оглед на тоа што кај нас истите не може лесно да се најдат, ќе го приспособиме секако за наши услови.


Јас лично го пробав и во двете варијанти. Најнапред направив една моја верзија со сурфактанти кои често ги користам во моите рецепти, меѓутоа потоа го пробав и во домашната варијанта која ќе ви ја предложам во продолжение. Овој производ ја остава кожата неверојатно свиленкаста и мека, благодарение на состојките кои ќе ги користиме.

Потребни состојки се:

2 полни кафени лажички фруктоза;
2 супени лажици дестилирана вода;
половина кафена лажичка растителен глицерин;
1 ипол кафена лажичка органски гел за миење (со благи сурфактанти)


Најнапред ставете ја фруктозата во водата и загревајте сѐ додека да се стопи (не треба да врие само да се загрее додека да се стопи). Оставете да се олади и додадете го глицеринот и органскиот гел за миење. Убаво промешајте и тоа е тоа, вашиот производ е готов.

Намерно ви дадов помала количина (50 гр.), бидејќи не користиме конзерванс и производот нема многу да трае иако комбинацијата на глицеринот, гелот за миење (кој е веќе конзервиран) и фруктозата го помагаат оддржувањето на стабилноста. За да ви прави пена, потребно е производот да го ставите во едно кутивче од потрошена пена (она специјално со пумпица). Декларацијата не е пресудна за пената, туку пакувањето. Доколку немате такво специјално пакување, сепак ќе добиете прекрасен производ кој одлично ќе ја чисти и негува кожата, само што нема да прави пена секако.


Ајде да разјасниме сега зошто овие состојки.

- Фруктоза: овде намерно користиме фруктоза а не шеќер, затоа што е помалку леплива од шеќерот. Може да ја најдете во супермаркетите или продавниците за здрава храна, меѓутоа доколку имате проблем да ја најдете слободно заменете ја со шеќерот. Фруктозата има на некој начин двојна функција, или подобро кажано нејзината функција е одредена од количината. Доколку се стави во многу мала количина фруктозата (како и шеќерот) е царство за бактерии, додека доколку се стави во поголема количина има улога на еден вид на конзерванс. Сетете се на пример на џемот кој може да го чувате и надвор од фрижидерот и се оддржува одлично, благодарение на високото присуство на шеќерот. Фруктозата дава прекрасен свиленкаст ефект на кожата и ја остава премногу мека и мазна.

- Глицерин: глицеринот исто така ја омекнува кожата и ја прави помазна и поубава.

- Органски гел за миење: многу е важно да користите нежен органски гел за миење, со благи сурфактанти и убава декларација. Избегнувајте ги комбинациите со силикони и нафтени деривати.

Ете драги мои, се надевам дека овој лесен и едноставен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите. Доколку е така пишете ваши импресии под самата статија.

Поздрав и до следно читање.
Вики


Comments