Пролетна нега на кожата: дали е време да го промениме кремот за лице?
Здраво драги мои,
пролетта веќе пристигна...хмммм горе долу :). Или подобро кажано календарски пристигна, а временски да се надеваме дека ќе се подобри следната недела. При промена на годишните времиња многумина прашуваат: "дали е време да го променам и кремот за лице"? Дали кожата има потреба од нешто ново и полесно? Одговорот е да.
Пролетта прави промени во природата, па и врз нашата кожа. Всушност, нашата кожа ги чувствува промените во природата и се менува заедно со неа. Колкумина од вас зимно време чувствуваат дека кожата има потреба од похранлив крем, додека со доаѓањето на потоплите денови сакаат нешто полесно кое вeднаш ќе се впие и ќе даде хидратација на кожата.
Во оваа статија ќе говориме токму за пролетната нега на кожата, поточно за изборот на правилен крем за овој период од годината. Зошто е потребно да се одбере поразличен крем за нега на кожата во пролетта?
Одговорот е едноставен. За време на зимскиот период кожата е под стрес поради ладното, ветерот и има тенденција кон лупење и сушење. Токму затоа кожата има потреба од похранлив крем кој не само што ќе ја нахрани самата кожа, туку и ќе ја заштити од надворешните влијанија и агресии. Да бидам попрецизна, од една страна ладното помага кожата да биде поубава и покомпактна, меѓутоа кога е премногу ладно може да доведе и до дехидратација на кожата, сушење и секако во одердени случаи и лупење (перутање) на истата.
Од друга страна пролетта е период каде времето не е ни топло ни ладно. Карактеристични се наизменични промени на температурата, каде ладните денови се алтерираат со потопли денови, а понекогаш промената се случува и во текот на еден ист ден. Меѓутоа во овој период како што веќе напоменав се буди природата, а со тоа и самата наша кожа се прилагодува на тие промени. Будејќи се од “зимскиот сон“ има потреба од креми со малку поинаква структура од она што сме го користеле за време на зимскиот период.
Во овој период од годината според мене најважно нешто е хидратацијата, Затоа советувам да бирате лесни креми (во зависност од типот на кожата секако) кои се на база на алое вера гел (доколку сте под 30 години) или пак на база на хијалуринска киселина доколу имате 30+. На овој начин на кожата и се овозможува одлична хидратација. Секако во самиот крем треба да бидат присутни масла и восоци (инаку не би станувало збор за крем за лице) кои ќе бидат во склад со вашиот тип на кожа. Исто така во овој период многу ги препорачувам серумите на база на хијалуронска киселина кои може да ги користите под вашиот вообичаен крем кои ќе ја зголемат хидратацијата на кожата.
Да не ги заборавиме и производите за заштита од сонцето. Иако не е јако како она во лето, сепак не е за потценување. Секогаш кога сте на отворено и доколку времето е многу сончево, обавезно користете крем со заштитен фактор по можност исклучива со физички филтри. Ова е многу важно од еден аспект за да ја заштитите кожата од сонцето кое иако е слабо, како што кажав, сепак не е за потценување, а од друга страна постепено и полека да ја подготвите кожата за летниот период. Според мене најдобро е да се почне со овие креми од април месец, кога сонцето е веќе поизразено и почнува полека полека да станува сѐ посилно. Меѓутоа доколку живеете на повисоки предели каде е повеќе сончево, или пак на потопли места, слободно почнете уште од сега.
Како дел од пролетната нега секако спаѓаат и маските за лице и пилинзите, меѓутоа за тоа ќе посветиме една цела статија.
Се надевам дека овие совети ви се допаднаа.
Поздрав и до следно читање.
Вики
Comments
Post a Comment