Антицелулитен скраб со прекрасен мирис на лимон и портокал без употреба на етерични масла


Здраво драги мои,

започна март месец и додека да трепнеме ќе дојде 21-ви и ќе навлеземе во пролетта. Токму затоа помислив уште од сега да ве подготвам за летото (односно за одморите) со многу едноставни и домашни антицелулитни третмани. Овој вид на третмани според мене се прават во текот на целата година, меѓутоа доколку во текот на зимата ви беше ладно (комплетно ве разбирам) и немавте многу желба за овие третмани, редно е да започнеме сега.

Она што сакам да ви го предложам во оваа статија е еден навистина многу лесен скраб кој има прекрасен мирис на лимон и портокал без употреба на никакви етерични масла. Претставува наједноставна варијанта на било кој скраб кој ќе го најдете во продажба и е прелесен за подготовка. Можеби повеќето од вас ќе се запрашаат: “како е возможно скработ да мириса без никакви етерични масла?“ Одговорот ќе го добиете доколку продолжите да ја читате оваа статија.

Ајде најнапред да ја подготвиме базата за овој пилинг.


Потребни ни се сол од Мртво Море (или како замена крупна сол) и рендана кора од лимон (по можност органски).

Најнапред со најситната страна на рендето (или пак со ренде за пармезан) изрендајте ја кората на лимонот. Во една тегличка (најдобро во финалната тегла за вашиот пилинг, односно онаму каде што ќе го чувате како финален производ) ставајте ред од крупната сол и ред од ренданата кора од лимон  сѐ додека да ги завршите состојките. Убаво промешајте. Теглата не ја полнете скроз до горе. оставете малку простор затоа што треба да го додадете и маслото, а ќе треба и да мешате, па да не ви се истури производот.

Откако сте ги ставиле солта и кората од лимон, затворете ја теглата и оставете така три недели до месец дена. Солта за тој период одлично ќе ги впие природните масла од кората на лимонот и прекрасено ќе замириса на лимон. Овој начин претставува најекономичен за правење на пилинг без никакви скапи мириси или етерични масла, само она што ни го дала природата.


Ајде да го подготвиме и маслото. За неговата подготовка ќе ви бидат потребни сува кора од лимон и портокал или само портокал (по можност органски).



Комплетниот рецепт може да го најдете на следниов линк домашно масло од лимон

Најдобро е доколку двете теглички ги направите во исто време и по месец дена го процедите маслото и го додадете во тегличката со убаво мешање.Пред да го додадете маслото ставете во тегличката малку обичен бел шеќер кој не само што ќе направи маслото подобро да се сврзе, туку ќе даде и похидратантно и омекнувачко дејство врз кожата. Потоа додадете го маслото и убаво мешајте. Како што веќе напоменав, овој производ ќе добие фантастичен мирис, меѓутоа и прекрасна портокалова боја без употреба на никаков вид на боја. Поприродно здравје!!!


Овој скраб може слободно да го користите на цело тело, особено на оние делови кои се на ризик од целулит, со убава блага масажа откако ќе се истуширате. Ви советувам прво да се истуширате, а потоа да направите скраб и само да го одмиете со млака вода, за да сите масла и мириси останат на вашата кожа и продолжат да ја негуваат.

Како ви се допадна овој лесен и многу едноставен рецепт? Дали ќе се обидете да го направите?

Поздрав
Вики

Comments

  1. Mене многу ми се допадна и сигурно ќе го направам.😍

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Викторија, ти благодарам многу на коментарот. Се надевам дека ќе ти се допадне, а ти секако сподели искуство откако ќе го направиш. Поздрав.

      Delete

Post a Comment