Здрава и заштитена детска коса со шампонот и спрејот за коса на Urtekram


Здраво драги мои,

еве не повторно во една статија за прекрасните производи од марката Urtekram, овојпат посветена на негата на детската коса. За разлика од нас возрасните, децата немаат потреба од многу често миење на косата, освен во одредени случаи како секојдневно практикување на спорт, на базен, плажа, во лето итн. Многу е важно за нас возрасните да сфатиме дека детската коса не може да ја миеме со шампоните со кои се миеме ние, или со оној шампон што прв ќе ни дојде при рака, најнапред поради тоа што детската коса има потреба од благи и нежни шампони кои измиваат без да ја иритираат детската кожа. Досега ви имам претставувано производи за нега на косата кои биле наменети за бебиња и деца истовремено...меѓутоа многу сум среќна што овојпат може да ви претставам колекција само за децата (иако од оваа марка во некоја следна статија ќе ви препорачам и колекција за миење на бебиња). Во последно време доста истражував за нега на децата и бебињата (а истото го имам и како предмет во школото за билки и природна медицина), така да многу е подобро кога се има две различни линии: една наменета за бебиња а друга за деца, кога станува збор за шампонот, а сега ќе ви кажам и зошто.

Во првите месеци кај бебињата честопати доволно е да се користи масло за нега на кожата на главчињата токму поради тоа што се прават корупки. После 6 месец (според некои италијански педијатри и после 1-та година) може главата на бебето да се мие со многу нежен бебешки шампон , меѓутоа не директно на самата кожа од главата, туку растворен во вода. Обично бебешките шампони имаат повисока пХ вредност со оглед на тоа што не треба да предизвикуваат солзи. Исто така овој вид на шампони имаат само благо измивачко дејство без никакво додатно омекнувачко или кондиционантно дејство врз косата, со оглед на тоа што косата сеуште комплетно не ја покрила главата. Секое дете има различен ритам на раст на косата и можно е едно бебе да се роди со малку коса која подоцна ќе порасне и стане густа. Косата кај бебињата при раѓањето не е дефинитивна, така да не грижете се доколку вашето дете на почеток има многу тенка и ретка коса (иако ова најнапред зависи од генетиката секако). Косата комплетно ја покрива главата во 3-та година.


После третата година може да се почне со детски шампони кои се за нијанса поразлични од бебешките. Како што детската коса расте, станува подолга и погуста, така се менуваат и потребите на самата коса. Потребен е производ (шампон) кој сепак многу нежно ќе ја измива детската коса, меѓутоа ќе биде поадекватен за новите потреби на косата. Значи не може да користиме бебешки шампон, меѓутоа не може ни да ги миеме со шампон за возрасни, така да потребен е шампон специјално формулиран за деца кој од една страна ќе биде многу нежен, а од друга страна ќе има и мало омакнувачко дејство и ќе го помогне расчешлувањето на косата (меѓутоа не како оние кај возрасните секако). Обично овој тип на шампони во својот состав имаат алое вера гел или екстракт, разни хидролати, понекој омекнувачки екстракт како екстракт од соја или соја лецитин итн. Ова е како резултат на фактот што косата е подолга и потребно е производ кој ќе ја омакне, и направи полесна за расчешлување (за разлика од бебешката која нема потреба од ова) и секако нежно ќе ја одмие нечистотијата кое е предуслов за здрава коса.

 Токму затоа како што веќе напоменав, денес ќе ви го претставам детскиот шампон на Urtekram и спреј регенераторот на Urtekram  специјално наменети за нега на детската коса.

1. Шампон за коса со екстракт од невен


Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој прекрасен производ и да разјасниме што сѐ содржи и зошто е ефикасен.

INCI:  AQUA, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, SODIUM COCO-SULFATE, GLYCERIN**, COCO-GLUCOSIDE, LAURYL GLUCOSIDE, GLYCERYL OLEATE, SODIUM CHLORIDE, CALENDULA OFFICINALIS FLOWER EXTRACT*, PARFUM, POLYGLYCERYL-4 CAPRATE, XANTHAN GUM, LYSOLECITHIN, COCO-CAPRYLATE, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, TOCOPHEROL, BETA-SITOSTEROL, SQUALENE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Како што може да забележиме после водата на второ место има екстракт ос алое вера кој е одличен за косата во случај на иритации на темето (спречува иритации) и ја омекнува косата. Во шампонот може да забележиме микс на благи сурфактанти. Понатаму има лизолецитин кој е еден вид на течен лецитин кој е одличен за косата, ја омекнува и прави полесна за расчешлување. Исто така содржи екстакт од невен и магнолија, како и витамин Е во чистата форма (токоферол) и сквален.

Овој шампон е навистина содржи сѐ она што и е потребно на детската коса. Благо ја измива косата, ја остава чиста и мека и секако истата е полесна за расчешлување.


Еве како изгледа косата само со употреба на шампонот (без спрејот).



Од она што досега го имам прочитано препорачливо е детската коса да се мие на секои три дена, иако ова секако многу зависи од местото на живеење, потоа од секојдневните активности на самото дете, колку често оди во парк да си игра и дали косата се полни со прашина итн. Како и да е верувајте дека шампонов е спас затоа што убаво чисти, не иритира и е благ за косата.

2. Спреј за коса со екстракт од невен


INCI: AQUA, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, GLYCERIN**, GLYCERYL CAPRYLATE, CALENDULA OFFICINALIS FLOWER EXTRACT*, MAGNOLIA OFFICINALIS BARK EXTRACT, DISTEAROYLETHYL DIMONIUM CHLORID, CETEARYL ALCOHOL, POLYGLYCERYL-4 CAPRATE.
(* = состојка од органско земјоделство, ** = составено од органски состојки)

Овој спреј има навистина многу едноставна формула која не ја отежнува косата, туку напротив ја прави помека, посвиленкаста и пожива. Како и шампонот и спрејов содржи екстракт од алое вера, потоа глицерин, екстракт од невен и магнолија. Се нанесува на тој начин што мала количина се испрскува на косата по миењето: најнапред со помош на еден пешкир впијте го вишокот на вода од косата и потоа нанесете од овој спреј прскајки директно врз самата коса.


Убавото е во тоа што нема потреба од исплакнување, а косата многу лесно ќе ја расчешлате (што воопшто не е за потценување, сигурна сум дека голем број на мајки ќе се согласат со мене). Еве го ефектот од употребата на шампонот и спрејот заедно.


Косата има преубав сјај, лесна е за расчешлување, и на допир е мека како свила.

Драги мои јас сум навистина многу среќна што можев да ви претставам еден ваков прекрасен производ кој, сигурна сум, ќе им го олесни животот на многу мајки. Како што веќе напоменав, оваа марка има и специјална линија за нега на бебешката кожа и коса која ќе ви ја претставам во некоја наредна статија.


Да не заборавам да ви кажам дека овие производи може да ги купите на штандот на Белина во трговските центри Сити Мол и Рамстор, како и онлајн на bellina.mk по цена од 465 мкд за шампонот и 475 мкд за спрејот за коса.

Јас се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а доколку е тоа така, ставете лајк или оставете ваш коментар под статијата. Јас ве гушкам и се читаме наскоро.

Секое добро
Вики

Comments

  1. Одлична статија, дали би ми ја препорачале оваа детска колекција за возрасни и останатите колекции од овој бренд? Поздрав и сѐ најдобро :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, благодарам многу. За возрасни имаш специјални шампони од оваа марка за разни типови и коса и проблематики. Можам да кажам дека мојот омилен е оној со зелен чај Anti Pollution шампонот и третманот за коса. Исто така моментално го тестирам оној со нордиски бобинки. Ти препорачувам да одбереш некој од овие . Поздрав.

      Delete
  2. Со сигурност ќе ги пробам, ти благодарам уште еднаш. Поздрав и среќни празници :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Поздрав драга и се најдобро.

      Delete

Post a Comment