Апчихааааа....Пролетни алергии и фитотерапија (користење на лековити билки) за подобрување на истите


Здраво драги мои,

според статистиките, во последните години зголемен е број на луѓето кои страдаат од поленски алергии кои најчесто се јавуваат од март па сѐ до јуни. Алергија е всушност прекумерна реакција на имуниот систем на материи кои обично не се штетни и кои ги внесуваме преку храна или вдишуваме (конзерванси и адитиви во храната, полен, прашина итн.). Доколку имаме среќа, синтомите се лимитираат на кивање, солзење на очите и непријатно чешање на непцата во устата, меѓутоа во потешките случаеви овие синтоми најчесто се прорпатени со астма, дерматит, ринитис, воспаление на очите и др.

Постојат многу фактори кои ги “олеснуваат“ (ако може така да се изразам) алергиските реакции на нашиот организам како:

ИСХРАНА

Многумина по јадењето на одреден вид на овошје чувствуваат подуеност во стомакот или пак имаат непријатно чешање на непцата. Тоа се должи на фактот што одредени овошја содржат поголем број на алергени состојки помеѓу кои и полен. Многумина не залудно се алергични на јагодите на пример кои важат за едни од оние овошја кои имаат поголем број на алергени состојки. Кај некои луѓе алергиските реакции се манифестираат само преку чешањена устата или непцата, додека кај други може да се појави дерматит на кожата или друга алергиска реакција. Затоа најнапред многу е важно да се одреди кои видови на овошје или зеленчук ни сметаат и секако да се избегнат. Исто така тука спаѓаат адитивите од храната и пијалоците и конзерванците кои најчесто се наоѓаат во конзервираната или готовата храна. Верувајте ми сѐ започнува од исхраната и една добра и избалансирана исхрана е предуслов за здрав организам.

ЖИВОТЕН СТИЛ

Стресот, цигарите и алкохолот се непријатели број 1 бидејки го ослабнуваат организмот и го прават понеотпорен.

КЛИМАТСКИ УСЛОВИ

Загаденоста во поголемите градови исто така го олеснува патот на алергиските реакции врз организмот.

ОРАЛНА ХИГИЕНА

Можеби ќе ви звучи смешно, меѓутоа од огромна важност е оддржување на правилна хигиена на устата. Правилното миење на забите и секако употребата на забен конец навечер е исто така многу важна со оглед на тоа што ги отстрануваме сите остатоци од храна од устата и не дозволуваме истата да се распадне во текот на ноќта.

За среќа природата ни дава голем број на билки кои имаат одлично дејство при оваа проблематика во зависност од тоа за каков тип на алергиска реакција станува збор.. Една од моите омилени професорки во школото за природна медивцина во Рим Др. Паола Бериа ни предава токму за билките и нивната употреба при разни проблематики (помеѓу кои и алергијата), како кај возрасните така и кај децата. Во продолжение би сакала да ве запознаам со фитотерапијата (односно метод на лечење кој предвидува употреба на лековити билки) и да ви дадам неколку природни срецепти и чаеви кои може да помогнат при оваа проблематика.

Ајде да започнеме.



Чај кој помага во случај на општи алергиски реакции 

Смиљ (цвет) 40 гр (позитивно делува врз дишните патишта)
Црна Рибизла (лист) 40 гр. (антивоспалително дејство)
Тегавец (билка) 40 гр. (билка која одлично се сложува со црната рибизла и смиљот и го комплетира нивното дејство).

Помешајте ги убаво сите три билки и направете чај (една супена лажица за шоља чај). Пијте го двапати дневно. Овој чај помага општо кај почетен вид на алергиски реакции.

Овие три билки се од огромна помош при алергиски реакции кои се во понапредна фаза односно степен. Секако ова се природни методи и за посериозни проблеми консултирајте се со вашите лекари.

Во случај на алергии проследени со ринитис (воспаление на носната слузница, отежнето дишење, кивање и чешање) од огрмна помош е да го направите следниов рецепт за парна бања.

Еукалиптус (листови) 10 гр.(висок процент на етерични масла во билката)
Бор (иглички) 10 гр. (го ослободува носот)
Тимјан (билка) 5 гр. (го олеснува дишењето)
Жалфија (билка) 5 гр.

Помешајте ги сите билки убаво и ставете 5% од смесата (на пример во 250 мл. вода околу 12,5 гр. од смесата со билки или 500 мл. вода 25 гр. од смесата). Смесата се додава во ладна вода и се остава да врие покриена на многу ниска температура околу 7 мин. Потоа се додава малку сода бикарбона околу 1 супена лажица само за да ја зголеми парната бања. Бидете многу внимателни да не се доближувате многу до тенџерето и да го оставите да отстои барем 2 мин. откако ќе биде готово за да не се изгорете.


Во случај на алергии пропратени со астма од голема корист е конзумирање на следниов чај:

Еукалиптус (листови) 20 гр. (ги ослободува дишните патишта)
Сладок корен (корен) 10 гр. (делува антивоспалително врз дишните патишта)
Тимјан (цветови) 10 гр.  (антибиотско дејство)
Мајоран (билка) 30 гр.   (го комплетира дјството на Тимјанот)

Помашејте ги убаво сите билки и во 500 мл. ладна вода, ставете 10 гр. од оваа мешавина. Варете околу 7 мин на ниска температура. Пијте од овој чај 1 до 2 шољи дневно.


Во случај на алергиски реакции со егзема од огромна корист е следниов чај за надвореша употреба:

Камилица (цветови) 30 гр. (има смирувачко и антивоспалително дејство врз кожата)
Ајдучка трева (цветови) 10 гр. (има антивоспалително дејство)
Смиљ (цветови) 10 гр. (одличен во случај на егзема)

Се мешаат сите билки и 10 гр. од смесата се става во 400 мл ладна вода. Се остава да врие околу 10 мин. Потоа се филтрира, се става врз една чиста гарза (од аптека) и се држи на лицето околу 15 мин. 2 до 3 пати дневно.

Она што многу ми се допаѓа кај фитотерапијата (лечењето со билки) е токму пристапот кон проблематиката. Обичната медицина нуди брзо решение на симптомите на одредена проблематика и начесто подразбира лекарства кои можеби решаваат еден проблем меѓутоа доста често предизвикуваат друг. Фитотерапијата од друга страна навлегува подлабоко во проблематиката, ја согледува причината и ја подобрува способноста на организмот да реагира (не само еден одреден орган туку целокупниот организам).

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви е од корист. Секако не кажувам дека оние кои се под лекарски надзор и примаат одредена терапија дека треба да престанат...никако...она што сакам да кажам е дека доколку имате одреден проблем дајте и можност на фитотерапијата и на правилната исхрана.

Со право се вели дека онаму каде не можат да достигнат правилната исхрана и билките доаѓаат на ред лековите, а онаму каде не може да делуваат лековите доаѓа на ред скалпелот. Затоа започнете од правилна исхрана и применете некој од овие природни билки и рецепти кои ви ги дадов. Секако доколку имате слично искуство со некој од овие рецепти или сакате да споделите свое лично искуство слободно оставете кометар под самата статија.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Дали погоре споменатите чаеви може да се пијат за време на доење. Ако не може сите, кои се безбедни за време на доење.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена, преубаво прашање, ти благодарам што пиша. За време на доењето пожелно е да се избегнуваат билките како: алое, каскара, сладок корен, жалфија, артичок, гинко билоба, врба. Исто така треба да се биде внимателни со смиљот особено за време на доењето. Ми даде идеја за една статија за билки кои може да се конзумираат за време на бременоста и за време на доењето, како и тоа кои билки е пожелно да не се конзумираат. Како што вели еден од моите професори не значи дека ако е билка може да ја пиеме и користиме како што сакаме, погрешната билка може да направи доста проблеми, додека вистинската може да реши многу. Така да доколку доиш не земај ниеден од овие рецепти, затоа што дел од нив содржат смиљ, сладок корен итн. Почекај да направам една статија специјално за бремени жени и жени кои дојат. Поздрав.

      Delete
    2. Благодарам многу на опширниот одговор. Ќе ја чекам статијата за бремени жени и жени кои дојат. Поздрав :)

      Delete
    3. Во секое време. Поздрав

      Delete

Post a Comment